Селекторот Кирил Лазаров најавува дека Македонија ќе има што да каже на трите натпревари од првата групна фаза на Светското ракометно првенство за мажи кое ќе се игра во втората половина на јануари во Германија и дека посебен акцент ќе се стави на дуелот од првото коло кој треба да биде против незгодната Јапонија.
Црвено-жолтите ќе играат во салата во градот Магдебург, а ривали во групата ќе ни бидат Јапонија (15-ти јануари), Бахреин (17-ти) и Исланд (19-ти). За пласман во следната фаза, потребно е да бидеме меѓу трите најдобри во оваа група Х.
„Ждрепката ни донесе сериозни противници. Ќе се подготвиме детално за секој од нив. На големо натпреварување, секогаш првиот натпревар е најважен и ќе посветиме доста внимание и време за подготовка на истиот. Треба да се посветиме повеќе на нашата игра и нејзина надоградба, противниците на големите натпреварувања секогаш ќе бидат квалитетни. Со градење на добар тим и атмосфера, очекувам да бидеме компетитивни на сите три натпревари во групната фаза“, изјави Лазаров за „Спортманија“.

