Леброн го заврши регуларниот дел со блескав рекорд и пораз од Сакраменто

Леброн Џејмс играше малку вечерва против Сакраменто кингс, но доволно за да го потврди рекордот во историјата на НБА-лигата со неверојатна серија од 17 сезони по ред во кои има просек од над 20 поени.

Идентичен учинок имаат и Карл Мелоун и Карим Абдул Џабар, но тие двајца немаат серии без прекин со 20+ поени во кариерата.

Сакраменто ги победи Лејкерс со 136:122 во резултатски безначаен меч бидејќи тимот од Лос Анџелес веќе го имаше обезбедено првото место во Западната конференција, а ривалот испадна од трката за плејофот.

Џејмс одигра 14 и пол минути и постигна 17 поени, а поефикасен од него кај поразениот тим беше само Дион Вејтерс со 19 поени.

За Лејкерс не играше втората голема ѕвезда во тимот Ентони Дејвис, кој се рехабилитира од повредата на коленото, но најавено е дека ќе игра во плејофот.

Кај Сакраменто, екипа што си заминува од Флорида како 12-топласирана екипа на Западот, најефикасен беше Бади Хилд со 28 поени, пред Богдан Богдановиќ со 27.

Противник на Лејкерс во првото коло од доигрувањето за титулата ќе биде една од четирите екипи кои се во конкуренција за осмото место, а во игра се Портланд, Феникс, Мемфис и Сан Антонио.

 

- Оглас -

Најнови вести