Лејкерс доби големо засилување, центар кој е актуелен светски шампион

НБА-шампионот Лос Анџелес лејкерс, потпиша двегодишен договор со шпанскиот центар Марк Гасол. По германскиот бек Денис Шредер, актуелните шампиони донесоа уште едно звучно европско засилување, братот на Пау Гасол, кој во минатото остави силен печат во Лејкерс.

Марк Гасол има 35 години, веќе 13 години игра во НБА, лани беше член на репрезентацијата на Шпанија која стана светски првак, а за да направат место за него, Езерџиите во Кливленд го испратија Џавал Мекги. Се чини дека ако Гасол и Ентони Дејвис се воиграат и доминираат во рекетот, тогаш големи се шансите шампионскиот прстен да остане во Лос Анџелес и во 2021 година. Сега Лејкерс ќе има и центар кој знае да погоди тројка, па на противниците воопшто нема да им биде лесно.

Интерес за Гасол имаше и од Далас маверикс, и кога веќе си одеше од Торонто, со кого лани беше првак, сакаше повторно да оди во тим со шампионски амбиции. Првите 11 сезони ги мина во Мемфис гризлис, а во 2013 година беше дефанзивец на годината.

- Оглас -

Најнови вести