Лејкерс пак изгледаат моќно – Џејмс е на четири победи до апсолутен рекорд (Фото+Видео)

Лос Анџелес лејкерс вторпат по ред го победија Портланд трејлблејзерс, ноќеска со 116:108 и направија пресврт за предност од 2:1 во плејоф серијата од првото коло во Западната конференција.

Леброн Џејмс со 38 поени, 12 скока и 8 асистенции ги предводеше Езерџиите до нов триумф, а успеа и да си го подобри сопствениот ефект со победи во плејоф натпреварите и сега е осамен на второто место на вечната листа.

Кралот Џејмс има вкупно 158 победи и го претрка Тим Данкан, кој има 157 вкупно во кариерата, а му фалат уште четири триумфи за да го мине лидерот Дерек Фишер, кој има 161 триумф на врвот на вечната листа во НБА.

Одличен беше и Ентони Дејвис со 29 поени, 11 скока и 8 асистенции, а Ол-стар тандемот на Лејкерс му помогна на тимот да го прегрми стартниот шок и пораз од аутсајдерот Портланд и да поведе со 2:1 во серијата до 4 победи.

Демиен Лилард вообичаено беше прв стрелец кај поразениот тим со 34 поени, а Си-Џеј Мекалум постигна 28 поени.

Драматичен меч со едно продолжение одиграа Оклахома сити тандер и Хјустон рокитс, а прва победа забележаа Крис Пол и соиграчите.

Во регуларниот дел мечот заврши нерешено 104:104, а Дануел Хаус промаши слободно фрлање за трета победа на Хјустон и потоа им се случи потоп на Ракетите.

Џејмс Харден направи шеста лична грешка на самиот старт од продолжението во кое доминираа кошаркарите на Оклахома и победија со 119:107 за прв триумф во серијата за намалување на негативата на 1:2.

Харден повторно беше ултраефикасен со 38 поени, 7 скока и 8 асистенции, но без Брадата, Ракетите немаа сила за трета победа во низа.

Денис Шрудер постигна 29 поени кај Оклахома, Пол додаде 26, а Гилџиус-Александер се истакна со 23 поени за надеж дека Оклахома може да приреди подвиг и да го елиминира фаворитот.

Во Источната конференција Мајами хит поведе со 3:0 против Индијана пејсерс по триумфот со 124-115. Батлер и Драгиќ искомбинираа 51 поен, Адебајо уфрли уште 22 поени за сигурен чекор на Жешките кон втората рунда.

Индијана го имаше најефикасниот поединец на мечот, Мајкл Брогдон постигна 34 поени, но Пејсерс се на работ на елиминација.

 

 

- Оглас -

Најнови вести