Легендарниот ракометен тренер, Лино Червар, го издвои својот поранешен играч Кирил Лазаров како најдобар ракометар што некогаш го тренирал, но и како еден од најголемите во историјата на ракометот.
Червар, човекот кој со Хрватска ги освојуваше најголемите трофеи и со години беше симбол на врвниот ракомет, немаше дилема кога зборуваше за македонската ракометна легенда.
„Кирил Лазаров за мене е најголемиот играч на сите времиња“, порача Червар, јасно ставајќи до знаење колку ја цени неговата кариера и сè што направи за ракометот.
Лазаров во текот на кариерата остави огромна трага во европскиот ракомет, особено како еден од најубиствените стрелци во историјата на Лигата на шампионите и репрезентативните натпреварувања.
Донекаде оваа изјава на Червар е и неочекувана бидејќи со големиот Иван Балиќ ги освои сите можни трофеи.
„Воспитувањето на еден млад човек и спортист беше првото што го забележав кога првпат се сретнавме летото 2000 година. И мојата сопруга Барбара се согласи со мене кога младиот Македонец го однесовме на пијалак во близина на Домот на спортови. Знаеше да гради здрава и искрена комуникација, а тоа всушност е култура. Култура нема секој во денешниот свет. Неговите извонредни комуникациски вештини му ги отвораа сите врати. Кире поседуваше харизма, а не само спортски талент“, раскажа Червар.
Червар, кој и во длабоката осма деценија од животот се врати на тренерската клупа и сега како тренер на Пелистер ќе игра против Алкалоид, кој го води Лазаров, истакна дека Македонецот отсекогаш бил повеќе од обичен играч.
„Во него препознав нешто повеќе од обичен играч. Видов дека станува збор за посебна личност која е решена да стане врвен спортист. Имаше работна етика, остануваше по тренинзите. Вежбавме повратен пас на десното крило, шут, одвртување и завртување, како што велеше тој. Тоа беше и остана негова специјалност. Кога ќе замавнеше, па со тупаницата ќе направеше движење, во тоа беше и остана мајстор. Развивавме периферен вид, а секое негово додавање уште тогаш имаше очи“, изјави тој.
Лино Червар и Кирил Лазаров најдобро се познаваат од Загреб, каде што соработуваа на почетокот на 2000-тите.
„Таа сезона со Метковиќ ја игравме познатата финална плејоф-серија во пет натпревари. Бевме сиромашни во однос на нив. Плата немавме земено една година, а излеговме против ривал кој ги плаќаше играчите и по 200.000 германски марки таа сезона. Таа титула беше огромен успех. Се сеќавам на дербито меѓу Загреб и Цеље во Лигата на шампионите. Тоа беа големи натпревари. Во првиот младиот Кире го растури прочуениот Дејан Периќ“.
„Секогаш ме воодушевуваше неговиот позитивен став кон животот и спортот. Порасна на бетон во своето Свети Николе и со кариерата покажа дека животот почнува дури кога ќе се излезе од зоната на комфорот. Тоа е единствениот пат до успехот. Нему тоа не му беше тешко. Постојат многу големи спортски таленти кои не успеале во тоа.
Кире е мудар човек кој не кажува сè што мисли, но мисли сè што кажува. Тоа е голема работа. Поседува огромен карактер, способен е за носење големи и правилни одлуки и на теренот и надвор од него. Феномен. Таков треба да се бара“, воодушевено зборуваше хрватскиот стручњак за Македонецот.
„Ја гледам сликата на Кире Лазаров како најдобар играч на сите времиња, ако се земе предвид критериумот играч како комплетна личност и вредност што трае повеќе од четириесет години, и тоа секогаш на врвно ниво. Тоа не му успеало ниту на еден врвен играч. Никој како Кире не успеал да игра врвно и во 41-вата година. Ако критериум е долговечноста, Кире е прв на листата!“, јасен беше Лино.

