Ливерпул покажа сила, но Сити заслужи да биде шампион

Една деценија се чекаше за еден тим да ја одбрани титулата во Премиер лигата, а Манчестер сити го стори тоа пред неполн час со триумфот на гостувањето кај Брајтон со 4-1. Сосема заслужено избраниците на Пеп Гвардиола повторно ќе му се радуваат на престижниот пехар, иако оваа сезона имаа и повеќе од достоен противник за титулата, а тоа беше тимот на Ливерпул.

Црвените беа феноменални во текот на целата сезона, го натераа актуелниот шампион до последно коло да се бори за тронот, но сепак Манчестер сити по шести пат во клупската историја е прогласен за првак на Англија, а како дојдоа до титулата ќе кажат следните статистики.

Како прво и основно, Сити го израмни минатогодишниот свој рекорд по број на победи, повторно оствари 32 од можни 38 меча, додека Ливерпул застана на 30 победи. Сити освои вкупно 98 бода, Ливерпул остана краток за еден бод, а по ланската сезона во која Граѓаните титулата ја освоија со рекодрни 100 бода, ова е втор највисок број на поени на еден шампион.

Просечно, во 38 натпревари Манчестер сити постигнуваше по 3,05 гола, а вкупно застанаа на 98 погодоци, односно шест повеќе од Ливерпул. Сити прими еден гол повеќе од Ливерпул (23), но гол-разликата на крајот беше неважна. Сити ја оствари најголемата победа сезонава на домашен терен против Челзи со 6-0, а во два наврати славеа со 6-1 против Саутхемптон и Харедсфилд.

До шестата титула, Сити стигна по 14 последователни победи, а таа низа започна со триумфот од 3-1 над Арсенал на 3 февруари 2019 година. Рекордот во оваа статистика го држи токму Сити од ланската сезона, кога остварија 18 победи во низа.

Малерозниот Ливерпул има за што да жали, никогаш претходно не оствариле 97 бода, а тој број не беше доволен за титула. Цела сезона имаа само еден пораз, токму од Манчестер сити со 2-1, но седумте ремија многу ќе го чинат Клоп и неговите избраници.

Севкупно гледано, ова беше една од најинтересните сезони во историјата на Премиер лигата, а новата сезона ќе ја чекаме до август.

- Оглас -

Најнови вести