На две кола до крајот на првенството во Франција, Пари Сен Жермен има шест бодa повеќе од второпласираниот Ленс. Интересно е дека Светците вечерва гостуваат токму кај Ленс и доволно е да не загубат за да може и официјално да бидат промовирани во нови прваци.
Во пресрет на денешниот меч, тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, зборуваше на прес-конференцијата пред натпреварот на неговиот тим против Ленс. Процентуално ПСЖ има 99,99 отсто шанси да е шампион, па Светците се подготовени да се радуваат на петтата последователна титула во домашниот шампионат. Тоа е така затоа што ПСЖ освен шесте бода повеќе од Ленс, има и предност од 15 гола во гол-разлика.
„Ние го потенцираме тоа што го направи Ленс оваа сезона. Никој не можеше да го замисли тоа на почетокот од сезоната. Ова е првпат откако сум тука еден тим да ни предизвика толку многу проблеми. Тоа беше голема мотивација за нас, беше многу тешко. Тие покажаа ниво. Заслужуваат да бидат во Лигата на шампионите, честитки за нив“, рече Енрике за денешниот противник на ПСЖ.
Тренерот на Ленс, Пјер Саж, беше прогласен за најдобар стратег во сезоната во Лига 1.
„Честитки до Саж за она што го постигна и за начинот на којшто игра неговиот тим. Тој заслужува да го освои овој трофеј. Неверојатно е што направи“, призна поранешниот селектор на Барселона и на шпанската репрезентација.

