Луис Енрике: ПСЖ има подобри индивидуалци, но Арсенал ја има најдобрата одбрана во Европа

Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, ги сподели своите размислувања за стиловите на игра на парижаните и Арсенал во пресрет на финалето од Лигата на шампионите. Решавачкиот натпревар за најпосакуваниот европски трофеј ќе се одигра на 30 мај на стадионот „Пушкаш Арена“ во Будимпешта.

„Не мислам дека овие два тима се спротивности. Арсенал е екипа создадена според ликот и идејата на Микел Артета. Очигледно е дека тој бил инспириран од идеологијата на Пеп Гвардиола, изградена врз фудбал со акцент на поседот на топката. Тимот покажува исклучително високо ниво на конкурентност, токму тука се гледа личноста на Микел“, изјави Луис Енрике за официјалната страница на УЕФА.

„Арсенал е најдобриот дефанзивен тим во Европа и тоа е така веќе неколку години. Тоа е импресивна комбинација. Тимот не зависи од еден играч. Постигнуваат многу голови од прекини и комбинираат две карактеристики: сигурна одбрана и висока ефикасност“, додаде тој.

„Некој може да каже дека Арсенал не постигнува тимски голови, но дали тоа е важно? Прашајте кој било навивач на Арсенал, сигурен сум дека ќе биде воодушевен. Тимот ја освои Премиер лигата и им честитам. Тие ја заслужија титулата уште од самиот почеток, бидејќи одиграа фантастична сезона. Беа многу блиску до триумф во сите натпреварувања во кои учествуваа“, истакна Луис Енрике.

„Имаме и сличности: ние, исто како Арсенал, се стремиме максимално да ги искористиме нашите силни страни и можности. За таа цел мора да ја контролираме топката и да се докажуваме на теренот. И ние можеме да постигнуваме голови од прекини, но сакаме да го одржуваме поседот преку соработка меѓу играчите, да бараме начини да ја пробиеме одбраната на противникот, и тоа мора да го правиме како тим“, коментираше шпанскиот стратег.

„Нашите играчи поседуваат поизразени индивидуални квалитети, но во исто време играат како единствен колектив. Сметам дека станува збор за два големи тима, заедно со Баерн, тоа се трите најдобри екипи во Европа. Сето тоа значи дека ќе мораме да се адаптираме: да играме и да се браниме поинаку од вообичаено ако сакаме да го победиме Арсенал“, заврши Луис Енрике.

- Оглас -

Најнови вести