Магнет се за таленти – Нов фудбалски бисер ќе игра за германските милионери

Борусија Дортмунд стана синоним за клуб што им дава шанса на светските фудбалски таленти да играат и правилно да се развиваат, а шансата да биде член на германските Милонери ќе ја искористи и 16-годишниот Џуд Белинџем.

Големиот талент на англискиот фудбал речиси сигурно ќе тргне по стапките на сонародникот Жадин Санчо и многу други млади фудбалери и ќе ѝ се приклучи на Борусија во летниот преоден рок.

Иако сè уште е тинејџер, Џуд е стандарден првотимец на Бирмингам и многу брзо го привлече вниманието на големите клубови.

Во трката прв се вклучи Манчестер јунајтед и понуди 30 милиони евра за фудбалскиот бисер, но според британските медиуми „Црвените ѓаволи“ ќе ја загубат битката со Борусија.

Клубот од Дортмунд може да парира со цената, а клучна предност што ќе го привлече 16-годишниот талент на Бирмингам е што ќе му дадат шанса да игра, нешто што не може да му го вети Манчестер јунајтед.

Борусија го има најмладиот тим во Бундеслигата, а и со ваков начин на работа, се конкуренти во трката за титулата, имаат успеси и што најмногу ги привлекува симпатизерите на најважната споредна работа на светот, играат атрактивен фудбал.

- Оглас -

Најнови вести