Мајсторот за боречки вештини состави одличен хуманитарен тикет

Македонија секогаш важела за земја која има таленти во сите видови боречки спортови, а доказ за тоа се и големиот број медали кои се освојувани на сите најголеми натпреварувања во светски рамки. Еден од оние кои традиционално носат одличја и признанија од сите натпреварувања е и Центарот за боречки вештини „Д Стронгест”, под водство на Ивица Алексовски.

Токму Алексовски заедно со својот клуб и Македонската федерација за БЏЏ ќе бидат организатори на силниот меѓународен турнир ADCC Македонија опен 2022, кој ќе се одржи в недела, во малата сала на СРЦ „Борис Трајковски“. Алексовски, кој повеќе од 30 години е во светот на боречките спортови и инструктор за повеќе вештини, со задоволство прифати да состави хуманитарен тикет со Sport Life.

„Уште во тинејџерските години ги засакав боречките спортови, почнав интензивно да тренирам и ете уште сум дел од овој спорт. Низ годините постојано го надградував знаењето, а сега веќе со години го пренесувам моето искуство на помладите генерации. Имаме одлични спортисти, па не случајно кога и да одиме на натпреварувања, медалите се загарантирани“, започнува Алексовски.

ADCC E ЕДНО ОД НАЈПРЕСТИЖНИТЕ НАТПРЕВАРУВАЊА

Со организацијата на Меѓународен турнир ADCC Македонија опен само се продолжува традицијата на силни натпреварувања кои се организираат во нашата земја, а ADCC (Абу Даби комбат клуб) е едно од најатрактивните натпреварувања, па затоа сите оние кои сакаат да видат атрактивни борби, на 22 мај треба да бидат во „Борис Трајковски“.

„Ова натпреварување АДЦЦ на светско ниво е едно од најпрестижните. Тука, на едно место се обединуваат луѓе од повеќе боречки вештини и едноставно ова е борба да се докаже која вештина е најдобра. Карактеристично за ова натпреварување е дека нема удари, туку противникот едноставно треба да го совладаш со фрлање или со зафати на раце, нозе или врат. Тука учествуваат ММА борци, борачи, бразилски џиу-џицу и мајстори по други вештини“, објаснува Алексовски.

УЧЕСНИЦИ ОД 15-ТИНА ЗЕМЈИ, SPORT LIFE ЌЕ ДЕЛИ ВРЕДНОСНИ ВАУЧЕРИ

На турнирот во недела ќе има борци од 15-тина европски земји (Франција, Чешка, Србија, Грција, Албанија, Хрватска, Бугарија…), а главен судија на турнирот ќе биде поранешниот ММА борец и ADCC борец, Љубомир Гуџев од Бугарија, со што само се потврдува квалитетот на овој турнир. Sport life е еден од поддржувачите на турнирот, па во текот на турнирот ќе им бидат доделени 200 вредносни ваучери на посетителите. Натпреварите започнуваат во 10 часот.

Многу млади во Македонија сакаат да тренираат одредена боречка вештина, па само во „Д Стронгест”, има над 200 членови кои тренираат различни боречки вештини. Децата уште од својата петта година може да почнат со тренинзи на некоја од овие благородни вештини.

ГРСТ МЕДАЛИ ОД СИТЕ НАТПРЕВАРУВАЊА

„Каде и да отидеме на натпреварувања, освојуваме медали. Пред две години на ЕП во Рим имавме одлични резултати, а во Швајцарија од 77 тима на светско ниво, ние како „Стронгест“ завршивме втори, додека од 40-тина земји, на крајот бевме трети“, додава Алексовски.

Освен боречките спортови, Ивица вели дека ги следи и сите останати спортови, а негов омилен клуб е Вардар, додека во европски рамки нема „негов клуб“.

„Сакам да гледам спорт. Следам фудбал, ракомет, кошарка, тенис… Секогаш сакам да погледнам некој интересен дерби-натпревар, но немам омилен клуб. Клубот за кој секогаш сум навивал е Вардар“, вели мајсторот за боречки вештини, кој треба да покаже дали е и мајстор за обложување со неговиот хуманитарен тикет.

- Оглас -

Најнови вести