Македонската кошаркарска репрезентација продолжи да реди победи во претквалификациите за пласман на Европското првенство, откако во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје без многу проблеми славеше против Република Ирска со 77:56. За Македонија ова е петта победа во петиот меч и сигурно го обезбеди првото место во групата во која се уште и селекциите на Луксембург и Азербејџан. До крајот на квалификациите, Македонија ќе гостува кај Луксембург.
Гостите од Ирска парираа во поголем дел од првата четвртина кога постигнаа неколку тројки и имаа предност од 16:15. Ви финишот на овој дел и почетокот на втората четвртина, Македонија со серија од 10:0 стигна до 25:16, а првата двоцифрена предност ја имавме кога резултатот беше 29:18. Највисокото водство во првото полувреме кое Македонија го имаше беше 15 разлика и тоа беше 36:21, а на паузата се замина со резултат од 38:27.

Третата четвртина беше најдобра за Македонија, па во пресрет на последните 10 минути, нашата репрезентација водеше со убедливи 59:37. Последните 10 минути беа формални, а на крајот разликата од 19 поени е доволен показател за разликата во класи.
Андреј Јакимовски со 19 поени и 13 скока беше предводник на Македонија, а двоцифрен број на поени имаа и Ефремовски (12) и Војдан Стојановски со 10 поени. Алаџики со 20 поени и 11 скока беше најистакнат кај селекцијата на Ирска која го претрпе четвртиот пораз во петиот меч од оваа група.

