Македонија многу се оддалечи од Европското првенство во футсал

Македонската футсал репрезентација беше декласирана на свој терен во „Јане Сандански“ во Скопје со 1-6 од Србија, со што шансите за пласман на Европското првенство се сведоа само на теорија.

После ремито во Врање против Србите во петокот, нашите футсал репрезентативци се понадеваа на нов добар резултат, поведоа со 1-0 со голот на Исмаили, но само 16 секунди подоцна работите се сменија и почна кошмарот.

Пршиќ од пенал изедначи на 1-1, а ова многу негативно делуваше врз тимот на селекторот Васко Скендеровски. Во следните пет минути, Петровиќ си даде автогол за 1-2, Петров зголеми на 1-3, а Лазаревиќ погоди за 1-4.

Во второто полувреме, Македонија ризикуваше, напаѓаше без голман, па Томиќ и Ракиќ погодуваа од голема далечина на празен гол за конечни 6-1. За македонската селекција во овие квалификации остануваат уште домашен меч против лидерот БиХ и гостување кај Романија во април.

 

- Оглас -

Најнови вести