Македонија од почеток до крај водеше против Косово и на крајот убедливо победи

Македонската кошаркарска репрезентација за играчи до 20 години стигна до втората победа на Европското првенство Б дивизија, откако убедливо со 85:67 го победивме Косово.

Македонија уште од стартот поведе со 5:0 и до крајот во ниту еден момент не му дозволи на противникот да се надева на чудо. Првата двоцифрена предност младите репрезентативци на Македонија ја имаа на почетокот од втората четвртина кога поведоа со 26:14, а предноста од 12 разлика ја задржаа и на полувреме (45:33).

Во вториот дел разликата константно беше двоцифрена, а во еден момент таа изнесуваше и 20 разлика (60:40), додека највисоката разлика нашите кошаркари ја имаа на неколку минути пред крајот кога водеа со 81:55.

Амар Хот и Андреј Митревски со по 14 поени беа најпрецизни во македонскиот состав, додека Андреј Андоновски заврши со 13 поени, а двоцифрен со 10 поени беше и Марко Миловановиќ.

По три кола, Македонија има две победи и еден пораз, а следен ривал ќе биде домашната селекција на Грузија.

- Оглас -

Најнови вести