Македонската одбојкарска репрезентација убедливо со 3:0 го победи Исланд во меч од третото коло на Европската лига. Овој дуел се играше во Атина, а Македонја стигна до втората победа, додека Исланд го претрпе четвртиот пораз во исто толку дуели без да освои ниту еден сет.
И пред почетокот на мечот, нашата репрезентација важеше за фаворит, а првиот сет го доби со 25:21. Во вториот сет беше уште понеизвесно, но нашите одбојкари беа посконцентрирани и го добија вториот сет со 25:23.

Во третиот сет, Македонија од самиот почеток го диктираше темпото и поведе со 3:1, а потоа и со 7:3 и 10:5. Исланѓаните едноставно се предадоа во овој сет, сфатија дека не може да парираат на Македонија, па нашите одбојкари убедливо водеа со 22:14, по што следуваше мало олабавување во играта, па на крајот Исланд стигна до прифатлив загубен сет со 25:19.

Македонија утре ќе игра против домаќинот Грција, која по првите три меча има освоено седум бодови (две победи и еден пораз со 2:3). Македонија и Грција досега имаат одиграно четири меча и на сите четири средби се радувале Грците.

