Македонската кошарка остана без уште еден великан, почина Драган Василов-Цевка

Еден од најпознатите и најтрофејни тренери во делот на млади категории во Македонија, Драган Василов, почина синоќа во Маврово на 64-годишна возраст.

Популарниот Цевка над три децении, со мали прекини, работеше како тренер на млади играчи. Низ неговите раце поминаа бројни познати кошаркари и македонски репрезентативци, пред сè од школата на Работнички, како: Перо Антиќ, Емил Рајковиќ, Ѓорѓи Чековски, Александар Јончевски, а во младинските селекции и Димитар Мираковски, Златко Гоцевски, Александар Антиќ, Кирил Павловски…

Во 1999 година беше селектор на кадетската репрезентација на Македонија која го освои шестото место на Европското првенство во Словенија, што досега е втор најдобар пласман на една македонската младинска селекција, по четвртото место во 1995 година.

По заминувањето од Работнички, работеше во уште неколку клубови, како Торус СЦБТ, Партизан Водно Санс, Јуниор и Феникс 2010.

Смртта го затекна како претседател на Тренерската комисија при Кошаркарската федерација и еден од лидерите на младинскиот камп кој се одржуваше во Маврово, во коорганизација на КФСМ и ФИБА.

- Оглас -

Најнови вести