Манчестер јунајтед дури во третото коло стигна до првите бодови во групата од ЛШ, и тоа на многу драматичен начин. Дефанзивецот Хари Мегваер даде гол за 1:0, а во последните секунди од мечот, голманот Андре Онана успеа да одбрани пенал, па Црвените ѓаволи се израдуваа на триумф против Копенхаген.
Оваа победа донесе дополнителен оптимизам кај тренерот Ерик тен Хаг дека англискиот гигант може да ја помине групната фаза од ЛШ.
„Победивме на многу тежок начин. Мислам дека тоа е во ДНК на Манчестер јунајтед. Многу драматичен меч. На крајот беше многу тензично, но најважно е дека стигнавме до посакуваниот резултат. Создадовме повеќе шанси кои не успевме да ги реализираме. Убаво е кога дефанзивец ќе се приклучи во нападот и ќе постигне погодок. Среќен сум дека победивме. За да ја поминеме групата, ќе ни бидат потребни уште две победи и верувам дека ако играме на посакуваното ниво, тоа е остварливо“, рече Тен Хаг.
До крајот на групната фаза, Манчестер јунајтед треба да гостува кај Копенхаген и Галатасарај, а дома ќе игра против Баерн Минхен.

