Манчестер јунајтед загуби со 4:3 на гостувањето кај Баерн во Минхен во првото коло од групната фаза од Лигата на шампионите. Црвените ѓаволи со овој пораз само ја продлабочија кризата што ја имаат од почетокот на сезоната.
Тимот предводен од Ерик тен Хаг од клупата загуби на четири од првите шест меча во сите натпреварувања. Ваков очаен почеток на сезоната Манчестер јунајтед немал од 1986 година, односно пред да започне ерата на Сер Алекс Фергусон. Тогаш тренер беше Рон Аткинсон.
Еден од највиновните за поразите е голманот Андре Онана. Голманот кој летово дојде како замена за Давид де Хеа има очаен старт и досега прими 14 гола, што е најмногу од сите премиерлигаши. Едноставно, Онана како да го остава празен голот, па над 80 отсто од шутевите завршуваат во мрежата.
„Морам да ја научам лекцијата. Имам уште многу да се докажувам. Ова беше еден од моите најлоши мечеви во кариерата. Тимот не можеше да победи поради мене“, самокритичен е Онана.

