Марадона беше уморен од сѐ и сакаше да умре

Диего Армандо Марадона рано утрово беше погребан покрај своите родители на приватните гробишта „Жардин де Бела Виста“ во непосредна близина на Буенос Аирес. Легендарниот аргентински фудбалер почина од срцев удар на 60-годишна возраст.

Стотици илјади негови фанови од целиот свет во изминативе два дена се простуваа и му даваа последен поздрав на омилениот играч. Непосредно по погребот, „душата ја отвори“ неговиот менаџер и пријател Стефано Сеси.

„Диего секогаш беше сам. Луѓето него го гледаа само како Марадона. Диего престана да биде Диего уште кога наполни 17 години. Тешко се носеше со приматот на славна личност. Беше чувствителен, несигурен, но и со ведар дух. Со него поминав прекрасни 20 години и имам преубави спомени“, вели Сеси.

Менаџерот додава дека во последно време работите за Марадона станале потешки и веќе немал ни желба за живот.

„Како да се предаде и физички и психички. Мислам дека е умори и дека едноставно престана да се бори и остави смртта да го стори своето. Едноставно не му се живееше. Никогаш не го најде вистинскиот мир поради семејниот хаос што го имаше. Дури и сега кога е мртов, тие и понатаму „ќе си ги извадат очите“ едни на други. Барем сега е со оние кои најмногу ги сакаше, а тоа се неговите родители. Диего го најде својот мир“, открива Сеси во својата исповед поврзана за Марадона.

- Оглас -

Најнови вести