Маскираниот осветник му донесе реванш на Челзи против Лестер (Видео)

Антонио Рудигер уште еднаш потврди дека омилен противник во Премиер лигата му е тимот на Лестер и со нов гол ја најави победата на Челзи со 2:1.

Германскиот репрезентативец постигна водечки погодок за Челзи во 47-мата минута и ја продолжи интересната серија против Лисиците. Рудигер ги постигна последните три гола токму против Лестер, а од вкупно шест гола во Премиер лигата, пола му се против денешниот ривал.

Жоржињо потоа погоди од пенал во 66-тата минута и Челзи најави дека ќе му се реваншира на Лестер за болниот пораз од 0:1 во саботата, во финалето на ФА купот.

Келечи Ихеначо го постигна почесниот погодок за популарните Лисици, кои сега си го загрозија настапот во Лигата на шампионите, нешто што изгледаше сигурно само пред 5-6 кола.

Челзи има 67 бода на третото место и меч во последното коло на 23 мај, а зад него е Лестер со 66 бода. Манчестер сити и Манчестер јунајтед се сигурни патници во ЛШ, Челзи е на прагот, а Лестер и Ливерпул ќе се борат за последната позиција што води во луксузната европска лига.

Ливерпул има три бода помалку од Лестер, но и меч повеќе за играње, па може да има и драма во последното коло. Ако двете екипи имаат еднаков број бодови, ќе одлучува гол-разликата.

 

- Оглас -

Најнови вести