Ѕвездата на Реал Мадрид и капитен на француската репрезентација, Килијан Мбапе, даде интересни прогнози во пресрет на Светското првенство, вклучувајќи ја и вечната дебата меѓу Кристијано Роналдо и Лионел Меси.
Во еден предизвик во кој требаше да избере фудбалер за кого верува дека ќе постигне повеќе голови на Мундијалот, Мбапе помина низ низа светски фудбалски ѕвезди и ги изнесе своите предвидувања.
Французинот покажа голема доверба во младиот шпански бисер Ламин Јамал, кому му даде предност пред Флоријан Вирц, Мемфис Депај, па дури и пред Ерлинг Халанд.
Потоа, предност му даде на својот соиграч од Реал Мадрид, Винисиус, во однос на Јамал и капитенот на Англија, Хари Кејн.
Сепак, кога на ред дојдоа најголемите играчи на модерната ера, Мбапе сметаше дека Меси ќе постигне повеќе голови од Винисиус, но во изборот меѓу Аргентинецот и Роналдо, се одлучи за португалската легенда.
Со тоа му даде предност на својот долгогодишен идол пред актуелниот светски шампион.
Најинтересниот одговор, сепак, дојде на крајот од предизвикот.
Кога требаше да избере меѓу Роналдо и самиот себе, Мбапе немаше никаква дилема.
Францускиот напаѓач е убеден дека токму тој ќе постигне повеќе голови од славниот Португалец на претстојното Светско првенство.
За Мбапе, Мундијалот во САД, Канада и Мексико ќе има посебно значење по болниот пораз на Франција од Аргентина во финалето на Светското првенство во 2022 година, иако тогаш постигна хет-трик во едно од најдобрите финалиња во историјата на натпреварувањето.
Французинот во моментов има дури 12 голови на светските првенства, а на претстојниот турнир ќе се обиде да го стигне рекордот на легендарниот германски напаѓач Мирослав Клосе, кој со 16 погодоци е најдобар стрелец во историјата на Мундијалите.
Франција настапот на Светското првенство ќе го отвори со натпревар против Сенегал, а во групата ќе игра и против Ирак и Норвешка.

