Мемфис: Во Барселона дојдов да освојувам трофеи

Мемфис Депај вчера пристигна во Барселона, каде што ги изврши медицинските прегледи и беше претставен како нов играч на гигантот од „Камп ноу“. Од претходно Мемфис се согласи на двегодишен договор до јуни 2023 година и е еден од четворицата нови играчи покрај Агуеро, Гарсија и Емерсон кои летово ги засилија Каталонците.

Она што Мемфис посакува е да освојува трофеи додека го носи дресот на еден од најтрофејните клубови во светот, а воедно му заблагодари на Куман за вербата и иницијативата да игра под негова команда откако претходно соработуваа и во холандската репрезентација.

„Ова е посебен ден за мене. Конечно пристигнав тука и со нетрпение чекам да почне сезоната да заиграм покрај новите соиграчи. За мене ова е најголем чекор во кариерата, потпишав за клуб со многу богата историја и се надевам дека ќе придонесам таа да се надополни со нови трофеи. Една од причините што сакав да дојдам тука е за да играм офанзивен фудбал. Сакам да ја покажам својата креативност, да забивам голови, но и да асистирам. Му благодарам на Куман што ме поддржуваше во изминатиов период, имавме одлична соработка во репрезентацијата на Холандија, секако дека сум подготвен да се борам и за него“, истакна Мемфис при промоцијата.

Пред да потпише за Барселона, холандскиот офанзивец мина четири години во Олимпик Лион, каде што запиша вкупно 178 настапи со учинок од 76 гола и 58 асистенции. Манчестер јунајтед и ПСВ Ајндховен се клубовите за кои претходно настапуваше.

- Оглас -

Најнови вести