Меси: Барселона беше неправедна кон Куман и Валверде

Лионел Меси даде интервју за шпанската „Марка“ во кое најави дека еден ден би се вратил во Барселона, но веројатно не како играч, а зборуваше и за ангажманот на Чави во Барса, за шансите на ПСЖ да биде европски првак и на многу други теми.

„Кога ќе ја завршам кариерата, ќе можам да бидам задоволен, постигнав навистина многу. Јас и семејството се адаптиравме тука во Париз, полесно е отколку што мислевме. Децата најбрзо се навикнаа на новиот град и државата, брзо учат француски“, вели Меси.

Меси вели дека прифаќа дека ПСЖ е во кругот на фаворити за трофејот во Лигата на шампионите, но конкуренцијата е силна.

„Кандидати сме за трофејот, но не и единствени. Ливерпул игра многу добро во моментов, тука се Сити, Баерн, Реал, Атлетико. Сезонава ќе биде многу тешко, има многу добри тимови“, смета Меси, кој случајно или намерно, меѓу фаворитите не ја спомна неговата Барса.

„Барселона има млад тим кој е во фаза на реконструкција. Чави е одличен избор за тренер на Барса, младите може многу да научат од него. Клубот беше неправеден кон Куман и претходно кон Валверде. Кога резултатите се лоши, први страдаат тренерите, но не секогаш тие се виновни“, изјави Меси, кој не знае дали неговиот сегашен клупски колега Килијан Мбапе ќе оди во Реал Мадрид.

„Искрено не знам. Само тој знае што има замислено во главата. Среќен сум што играм со него. Килијан е многу важен за нас, по завршувањето на сезонава ќе видиме што ќе се случи, навистина не знам. Тој добро зборува шпански, но течно зборува и англиски“, објаснува Аргентинецот, кому во прво време му било чудно што е соиграч со Серхио Рамос, со кого биеја многу битки во Ел Класико, но сега веќе се навикнале на новата улога.

Меси е изненаден од камбекот на Дани Алвес во Барса, но тој лично не верува дека би се вратил во Барселона како играч.

„Секогаш ќе бидам фан на Барселона. Сигурно еден ден ќе се вратам да живеам таму. Ако во клубот ме сакаат да бидам во некаква улога, би прифатил“, заклучува човекот кој за Барселона даде повеќе голови отколку кој било друг фудбалер во историјата што има дадено за еден ист клуб.

- Оглас -

Најнови вести