Меси испиша уште една историја во фудбалот

Лионел Меси од Барселона и официјално е освојувач на „Златната копачка“, која се доделува на најдобриот голгетер во Европа за сезоната која е во заминување. Капитенот на Барселона постигна 36 погодоци и беше предводник на каталонскиот гигант до нова титула во Примера дивисион, но и до испишување на една нова историја во фудбалот.

Аргентинецот стана првиот фудбалер кој успеал три сезони по ред да биде најдобар стрелец во Европа. За Меси ова е вкупно шеста  ваква награда, што исто така е рекорд.

„Златната копачка“ започна да се доделува во сезоната 1967/68, а прв освојувач беше легендарниот Португалец Еузебио. Од таа сезона, до денеска, продефилираа многу голгетери, познати и признати играчи кои ја освојуваа наградата, но никој освен Меси не успеа три сезони по ред да доминира во европски рамки. Меѓу освојувачите на оваа престижна награда е и некогашниот македонски голгетер Дарко Панчев. Тој беше „Златна копачка“ на Европа во сезоната 1990/91, кога со Црвена ѕвезда стана и европски и светски првак. Таа сезона, Панчев даде 34 голови во домашното првенство.

Сезонава Меси заврши со 72 бодови, бидејќи секој постигнат гол во Топ 5 лигите се смета за два бода. Зад него се најде Килјан Мбапе, кој вечерва требаше да даде четири гола за да го престигне Меси. Французинот вечерва погоди еднаш за ПСЖ и застана на 33 голови.

 

- Оглас -

Најнови вести