Меси со емотивна порака се прости од еден од омилените соиграчи, па доби и повратен одговор

Артуро Видал од синоќа е во Милано, а денеска треба да го комплетира договорот со Интер. Чилеанскиот репрезентативец на „Џузепе Меаца“ доаѓа за трансфер вреден само еден милион евра, и тоа откако веќе беше непотребен во Барселона.

Новиот тренер на каталонскиот гигант, Роналд Куман, го избрка Видал, кој реши да се врати повторно да соработува со Антонио Конте, со кого освојуваа титули во Серија А, но во дресот на Јувентус. Сега таа мисија ќе ја има и како играч на Интер.

Видал за двете години поминати во Барселона одлично се здружи со Лионел Меси и соработуваа како на теренот така и надвор од него. Токму затоа Меси реши јавно да му се заблагодари на Видал и му упати порака.

„Те познавав само од меѓусебните дуели и за мене секогаш беше феномен. Подоцна имав среќа да те запознам и уште повеќе ме изненади. Во изминативе две години делевме многу нешта и ти остави свој печат. Ти посакувам сè најдобро во новиот клуб. Ќе се сретнеме повторно, сигурно“, беше пораката на Меси за Видал.

Не помина долго време, а Видал му реплицираше на сега веќе поранешниот соиграч. „Ти благодарам Лео, ти си вонземјанец. Ми беше чест да играм со најголемиот во историјата на фудбалот. Ти благодарам и за пријателството кое ми го даде. Ми недостасуваш, но се гледаме наскоро“, возврати Видал.

- Оглас -

Најнови вести