Мета Ворлд Пис повторно си го смени презимето

Човекот кој кога ја почна НБА-кариерата, се викаше Рон Артест, играше и на Олстар-мечот, беше ѕвезда, но „бубачките во главата“ го натераа во 2011 година да си го смени името и презимето, па официјално се прекрсти во Мета Ворлд Пис. Сега на „Светскиот мир“ му текна дека и тоа име не му е баш по мерак, па откри дека повторно си го сменил презимето и сега се вика Мета Сендифорд Артест.

Артест си е неговото оригинално презиме, а Сендифорд е моминското презиме на неговата сопруга Маја.

„На првиот меч на кој настапив како Ворлд Пис, при претставувањето кога спикерот во салата ме најави, си реков дека ова е најголемата глупост во мојот живот. Срам ми беше, не сакав да се соблечам и сите да го видат тоа презиме на дресот. Потоа се навикнав, а исто и луѓето. Откако се оженив по вторпат, моето име сега е Мета Сендифорд Артест, го земав презимето и од жена ми“, вели 40-годишниот Артест.

Кога замина да игра во Кина, се шпекулираше дека си ги сменил презимето во „Панда Френд“ (пријател на пандите), но тоа не било вистина. Одличниот дефанзивец во НБА-лигата настапуваше за Чикаго, Индијана, Сакраменто, Хјустон, Њујорк и ЛА лејкерс.

Најпознат е по тепачката со навивачите на Детроит пистонс во 2004 година, кога доби суспензија со забрана на настап на 86 меча (73 во регуларна сезона и 13 во плејофот), што е најголема ваква казна во историјата на лигата.

- Оглас -

Најнови вести