Милевски со двајца дебитанти против Шпанија и Фарските Острови

Селекторот на фудбалската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски, го објави списокот на фудбалери кои ќе конкурираат за настап во квалификациските дуели против Шпанија и Фарските Острови за ЕП 2021. Милевски меѓу 23-цата избраници има двајца дебитанти, тоа се Сефер Емини од Македонија ЃП и Адријан Хајдари од Рапид.

Селекторот истакна дека императив е да се даде максимумот во двата натпревари, а исто така примарна негова задаача е да им помогне на младите играчи да прераснат во конкуренти во европски рамки кои би биле способни да се соочат и со многу посилни противници.

„Нè очекуваат два исклучително тешки натпревари, Шпанија е фаворит во нашата група и не треба да трошиме зборови за квалитетите на шпанската селекција. Ние максимално ќе се сконцентрираме како треба да изгледаме на терен и како треба да ги одиграме двата натпревари. Всушност, наша примарна работа и задача во селекцијата е да создаваме играчи кои ќе бидат конкурентни во европски рамки и способни да се спротивстават на секого, без разлика со кого се соочуваат. Јас ќе бидам најсреќен ако и од оваа репрезентација создадеме профили на играчи кои во иднина ќе бидат подготвени за предизвиците кои ќе ги очекуваат во репрезентацијата А. Единствениот императив кој мораме да го имаме е како да се даде максимумот за време на подготовките и натпреварите. Ме радува тоа што од натпревар во натпревар созреваме како тим, како ментално, така и тактички“, истакна Милевски.

Младата селекција двата дуели ќе ги игра на гостински терен – против Црвената фурија на 14 ноември во Алкоркон, додека против Фарските Острови пет дена подоцна во Торсхавн.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести