Милитао: Од дете сакав да играм за најголемиот клуб на светот

Бразилскиот дефанзивец Едер Милитао беше претставен пред медиумите и навивачите како нов член на Реал Мадрид. Милитао, кој дојде од Порто, може да игра и како десен бек, а пред новинарите порача дека секогаш сакал да игра за Реал, нешто што безброј пати е слушнато од фудбалери во вакви прилики.

„Многу сум задоволен што ќе играм за најголемиот клуб на светот. Благодарам за помошта од татко ми, фамилијата, агентите, како и на претседателот и навивачите на Реал за довербата. Срцето ми помогна да ја донесам одлуката да дојдам тука, ќе давам сè од себе за клубот за кој уште од дете посакав да заиграм еден ден. Очекувам успешна сезона и да испишеме нови страници во историјата“, рече Милитао.

Првиот човек на Реал, Флорентино Перес, рече дека Милитао доаѓа од пријателски и почитуван клуб и дека брзо се приспособил на европскиот фудбал, станувајќи најдобар дефанзивец во португалската лига. Милитао има 21 година, а на 47 официјални меча за Порто, даде 5 гола и имаше четири асистенции. Тој ќе се бори со Серхио Рамос и Рафаел Варан за место во почетниот состав и пред него е сериозно тешка задача да се наметне.

По претставувањето пред медиумите, Милитао се појави на теренот на „Сантијаго Бернабеу“, каде што беше поздравен од неколку илјади фанови.

- Оглас -

Најнови вести