Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа која стана прва од Македонија што заиграла на главниот турнир на Вимблдон во поединечна конкуренција, по враќањето во татковината, заедно со тренерот Димитар Лабудовиќ беа примени од министерот за спорт Борко Ристовски.

„Со голема чест и гордост денеска ја пречекав нашата тениска хероина Лина Ѓорческа по нејзиниот историски настап на Вимблдон. Лина испиша историја како прва македонска тенисерка што настапи на главната фаза на најпрестижниот светски тениски турнир. Тоа не е само личен успех – тоа е успех на цела Македонија. Со својата упорност, дисциплина и пожртвуваност, Лина покажа дека и македонските спортисти можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во светот. Како Министерство за спорт, ќе продолжиме силно да ги поддржуваме сите наши спортисти кои со својата работа, талент и резултати достоинствено ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена. Особено ќе се залагаме за создавање подобри услови за развој на индивидуалните спортови и за новите генерации млади шампиони. Посветено и храбро кон нови победи!“, напиша Ристовски на Фејсбук.

