Младите покажа дека Македонија има фудбалска иднина, Милевски: Од срце ви благодарам

Благоја Милевски е задоволен од настапот на младите македонски фудбалери на возраст до 21 година во циклусот натпревари за ЕП 2021, а Македонија за влакно не успеа да избори нов настап на континенталниот собир во Унгарија и Словенија.

Завршивме како втори во групата со 18 бода, зад Шпанија, а пред Израел, Казахастан, Фарски Острови и Црна Гора, но останавме куси за некој бод во трката со второпласираните селекции во сите групи.

Победниците на деветте групи се пласираа на ЕП, заедно со петте најдоброрангирани второпласирани селекции во секоја од групите.

„Драги наши фудбалери, членови на стручниот штаб, драги луѓе во Фудбалската федерација на Македонија. Чувствувам потреба да упатам благодарност кон сите што бевте дел од квалификациите за Европското првенство 2021.

Сите вие имате заслуга за успехот што го направивме. Од срце Ви благодарам. Кај мене постои и револт и горчина заради начинот на којшто нѐ ни дозволија да се бориме и да бидеме заедно до крај, но наша заедничка победа е тоа што сте одважни и храбри и со квалитет на нивото на најдобрите во Европа.

Тоа се особини на кои укажував и тоа сте вие. Од нашиот прв собир во Анталија, па сè до последниот натпревар против Црна Гора созреавте како личности и како фудбалери, а според она што го прикажавте на терен, стигнавте на нивото кое го посакував. И не застануваме тука. Имаме време и простор за напредок. Многу научив и сè уште учам и од вас.

Ми беше задоволство да работам со личности и фудбалери како вас. Бидете и останете луѓе какви што сте. Потрудете се да напредувате како фудбалери.

Би сакал, исто така, да упатам благодарност до Фудбалската федерација на Македонија, до претседателот Сејдини, Управниот одбор и службите во Федерацијата. Оваа репрезентација ги имаше сите барани услови за работа, а тоа е многу важно за остварување на резултат на ниво на најдобрите во Европа. Посебно се заблагодарувам за трите чартер-летови кои ни ги обезбедивте и дадовте придонес да освоиме седум од можните девет бодови на крајот од квалификациите. Се надевам дека во иднина само ќе ја надградуваме заедничката соработка. Ви посакувам добро здравје на сите“, вели Благоја Милевски.

Селекторот на нашата младинска репрезентација, за жал, не успеа со своите избраници по вторпат да се пласира на ЕП, откако забележа историски успех со генерацијата играчи до 21 година во 2017 година и успеа да се пласира на младинскиот шампионат во Полска.

Игравме со Шпанија и загубивме со 0:5, ремизиравме со Србија 2:2 и загубивме од Португалија со 2:4 во убедливо најтешката група на ЕП 2017 во Полска.

 

- Оглас -

Најнови вести