Многу комбинации и математики за 11 слободни места

Последната, шеста рунда од групната фаза во Лигата на Европа носи серија неизвесни битки и треба да затвори многу отворени прашања низ европските терени каде што ќе се играат натпреварите. Има 11 слободни места за 16-финалето и многу тимови ќе се обидат да го искористат тоа.

Јасно е дека понатаму одат АПОЕЛ Никозија, АЗ Алкмар, Базел, Брага, Селтик, Гент, ЛАСК Линц, Манчестер јунајтед, Севилја, Спортинг Лисабон, Волфсбург и Вулверхемптон. Нив ќе им се придружат оние што беа трети во ЛШ: Бриж, Олимпијакос, Шахтар, Баер Леверкузен, РБ Салцбург, Интер, Бенфика и Ајакс.

Во групата А нема неизвесност, Севилја и АПОЕЛ ги осигураа визите. Во групата Б, три тима имаат шанса: Копенхаген, Динамо Киев и Малме. На Данците доволно им е и реми против Малме, а за Малме тој бод може да биде погубен ако киевјани го победат Лугано. Во групата Ц, Базел е сигурен, а за другото место се борат Хетафе и Краснодар.

Од групата Д, Спортинг и ЛАСК продолжуваат, а дилема е само кој ќе биде прв, а кој втор. На Португалците им треба бод. Во групата Е,  Селтик оди понатаму, додека шанси за второто место имаат Клуж и Лацио. На Романците им треба барем бод на свој терен против Шкотите, а Лацио мора да победи и да се надева на пораз на Клуж. Во групата Ф, ситуацијата е доста деликатна. Арсенал има предност и му треба бод кај Стандард во Лиеж, а Белгијците бркаат победа. Ајнтрахт може да оди понатаму ако ја победи Виторија или ако Стандард не победи. Може да има и круг од три тима, па да решава гол-разликата.

Во групата Г, Ренџерс е лидер, но со три бода пред последниот, па Порто, Јанг бојс и Феенорд ќе се тркаат. Во групата Х, Еспањол е сигурно прв, а за втората позиција се борат Лудогорец и Ференцварош. На Бугарите им треба бод. Од групата И, Гент и Волфсбург не може да бидат симнати. Во групата J, на Борусија Менхенгладбах ѝ треба реми за да оди понатаму, но и со пораз би оделе ако Рома загуби од Волфсбергер. Рома и со нерешено оди, но само ако Башакшехир загуби.

Од групата К, Брага и Вулверхемптон одат понатаму, а и во групата Л нема дилеми, Манчестер јунајтед и АЗ Алкмаар се сигурни, па во директен двобој ќе определат кој ќе заврши како прв, а кој како втор во групата. На Црвените ѓаволи и нерешено им врши работа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести