Модерниот тенис ги „убива“ играчите – Бублик вели: Мразам што сум тенисер, само парите се мотив да продолжам

Александер Бублик има интересно интервју за престижниот „Л’ Екип“ и неколку шокантни изјави со кои го сврте вниманието.

Казахстанецот вели дека мрази да игра тенис и дека го мрази секој ден во кој мора да игра на турнирите, а единствениот мотив да продолжи да игра се парите.

„Од дното на срцето мразам што играм тенис. Играм само за парите и ако не постоеја наградите на тениските турнири, веднаш ќе престанев со настапи“, е шокантната изјава на 22-годишниот Казахстанец.

Бублик досега има заработено 1,35 милиони евра и вели дека тоа не е доволно за да го напушти спортот што го игра, а го мрази.

„Сè уште не сум го достигнал степенот на мојот пријател Бернард Томиќ (еден од најконтроверзните тенисери на АТП-турнирите, н.з.), но и не сум далеку од таа фаза. Понекогаш милсам дека ќе умрам играјќи тенис. Да се биде професионален тенисер, значи постојано да се селиш од турнир на турнир, да играш речиси секој ден со различен противник и кога се те боли. И кога не си расположен, девојката не е со тебе или дури и да се разведеш од сопругата, мора да играш. Едноставно е, го мразам тенисот“, вели Бублик.

Казахстанецот е на 55-тото место на АТП-листата и сè уште нема титула во сингл, но блесна на Отвореното првенство на Австралија. Во игра на двојки со сонародникот Кукушкин стасаа до полуфиналето, каде загубија од шампионскиот тандем Рам-Салисбури со 1:2 во сетови.

 

- Оглас -

Најнови вести