Може ли Азар да урне рекорд за најпосетено претставување на еден играч во историјата на фудбалот?

Реал Мадрид веќе потроши 317 милиони евра за доведување нови играчи, иако трансфер-периодот официјално уште не е започнат. Донесени се пет нови играчи кои треба да го вратат Кралскиот клуб на победничките патеки и повторно да носат трофеи во витрините на клубот.

Од сите пет засилувања, најзвучно е доаѓањето на Еден Азар од Челзи. Ѕвездата на англискиот премиерлигаш конечно се пресели во Мадрид, и тоа за трансфер вреден 100 милиони евра. За вечерва, во 19 часот на „Сантијаго Бернабеу“ е закажана промоцијата на Азар во дресот на Реал, а во Мадрид има голема еуфорија поради доаѓањето на белгискиот репрезентативец.

Многумина сметаат дека на промоцијата на Азар ќе биде срушен и еден рекорд кој точно пред 10 години го постави Кристијано Роналдо. Португалецот во 2009 година од Манчестер јунајтед се пресели во Реал, а на неговата промоција на „Сантијаго Бернабеу“ присуствуваа 80 000 навивачи. Тоа засега е рекорд во светски рамки.

Зад Роналдо е промоцијата на Диего Армандо Марадона во Наполи. Тогаш, Марадона како 23-годишен играч пристигна во Неапол,  а на стадионот „Сан Паоло“ имаше 75 000 навивачи на италијанскиот тим. Тој спектакл е од далечната 1984 година.

Листата на најпосетени претставувања ја комплетираат Карлос Тевес, за кого се имаат собрано 60 000 навивачи, потоа Кака (50 000 навивачи) и Хамес Родригес, на чие преставување во Реал Мадрид присуствуваа 45 000 навивачи.

 

- Оглас -

Најнови вести