Можно е Босанците да се повлечат од Евробаскетот, федерацијата нема пари за трошоци

До стартот на Евробаскетот има помалку од месец и пол, а од кошаркарската федерација на Босна и Херцеговина открија дека се во финансиски проблеми и не знаат како ќе ги покријат трошоците.

Босанците ќе играат на ЕП првпат од 2015 година, но засега имаат средства само за дел од трошоците, па се оствава простор за повлекување од континенталниот шампионат. Пред Евробаскетот, селекцијата на БиХ ќе настапи и во светските квалификации за Мундобаскетот 2023, и за тој циклус немаат пари.

„Тропнавме на многу врати барајќи помош, повеќето ни беа затворени. Потоа почнаа да нè игнорираат. Ова се однесува најмногу за локалните и државните власти. Не можеме да објасниме како општините и државата ги финансираат клубовите, а не сакаат да ѝ помогнат на репрезентацијата. Им го кратат сонот на кошаркарите кои гордо ја претставуваат својата земја. Секој ден имаме сè помалку опции, ако за брзо време не се сменат работите, ќе бидеме приморани да го откажеме учеството“, изјавуваат од таборот на федерацијата на БиХ.

Би било жално доколку Евробаскетот се осиромаши и се одржи без НБА-ѕвездата Јусуф Нуркиќ, кој е лидер на БиХ заедно со Џанан Муса, новиот играч на Реал Мадрид.

Инаку, БиХ е во групата Б чии што натпревари ќе се играат во Келн во „Ланксес арената“, заедно со еден од домаќините Германија, Франција, Унгарија, Литванија и актуелниот европски шампион, Словенија.

- Оглас -

Најнови вести