Мурињо: Англија заслужи финале, но тоа не беше пенал

Двајцата легендарни тренери во англиската Премиер лига, Арсен Венгер и Жозе Мурињо, кои постојано беа „завојувани“ овојпат се сложија за нешто. Двајцата се убедени дека немало пенал за Англија. Мурињо, кој двапати беше на чело на Челзи, а работеше и во Манчестер јунајтед и Тотенхем, вели дека Англија заслужи да игра во финалето на ЕП, но не со подарен пенал.

„Никогаш тоа не може да биде пенал. Подобриот тим победи, Англија заслужи да победи, Англија одигра фантастично, но за мене тоа не беше пенал. Англија е подобар тим од Данска и без сомнение дека заслужено победи, но за мене ова не беше пенал. Посебно на ова ниво, полуфинале на ЕП, судијата да не отиде сам да види на ВАР-мониторот е неверојатно чудно. Разочаран сум дека на таков начин беше решено кој ќе игра во финалето на ЕП“, коментираше Мурињо.

Арсен Венгер повеќе од 20 години беше на чело на Арсенал и има слично мислење како Мурињо. Францускиот стратег се чуди како судијата не одлучил да оди до ВАР-мониторот и сам да ја погледне повторената снимка, па да одлучи дали било пенал.

„Немаше пенал. Не разбирам зошто во оваа ситуација судијата не замина кај ВАР-мониторот да ја погледне снимката. Во вакви ситуации и моменти, апсолутно сум убеден дека арбитерот требаше да ја види повторената снимка, па да одлучи. ВАР-системот ги изневери судиите“, порача Венгер.

По сите реакции, коментари и видувања околу спорната ситуација, најверојатно ќе остане дека само Стерлинг и англиските навивачи веруваат дека била донесена правилна одлука и дека било пенал за Гордиот Албион. 

 

- Оглас -

Најнови вести