Мурињо лут: Човекот на теренот не е судија, вистинскиот судија е скриен во некоја канцеларија

Тотенхем може да се збогува од планот да стигне до место кое води излез во Европа за следната сезона откако синоќа загуби со 3:1 на гостувањето кај Шефилд јунајтед. По овој пораз, Тотенхем сега има седум бода помалку од Вулверхемптон, кој е на петтото место на табелата.

Португалскиот стратег беше многу лут поради судиските одлуки  на синоќешниот дуел проти Шефилд. На Тотенхем му беше поништен погодок со кој гостите требаше да израмнат на 1:1. Погодокот првично беше признат, но по прегледување на повторената снимка од ВАР-собата стигна одлука дека имало играње со рака. Мурињо збесна и не сакаше да прифати дека голот е поништен.

По мечот, Португалецот се воздржуваше да каже сè што мисли околу судењето, но потенцираше дека луѓето кои трчаат на терен не се вистинските судии.

„Немојте да ме прашувате за судиите затоа што ќе бидам во неволја. Ако го кажам тоа што го мислам, ќе бидам казнет, ќе бидам суспендиран. Би сакал да ви кажам сè, но не смеам. Дали по мечот разговарав со судијата? Со кој судија? Со тој на теренот? Тој судија не е судија, вистинскиот судија е скриен во некоја канцеларија. Овој човек на теренот не е судија, тој не одлучува. Главните одлуки во денешниот фудбал ги донесуваат луѓето од канцелариите. Затоа не ни сакам да разговарам со помошникот кој денеска имаше свирче на теренот“, рече Мурињо.

Тотенхем сезонава игра разочарувачки, а и Мурињо постави еден неславен рекорд затоа што иако сезоната уште не е завршена, веќе има претрпено повеќе порази, отколку што имаше порази во двете сезони кога беше тренер на Челзи.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести