Мурињо објасни како ја сопрел Барселона и го ставил Меси „во затвор“ (Видео)

Жозе Мурињо веќе неколку месеци е без работа откако во декември доби отказ од Манчестер јунајтед. Португалскиот стратег сега работи како спортски аналитичар, па реши да открие како се случил еден од најблескавите мечеви во неговата кариера.

Португалецот како тренер на Интер во 2010 година доминираше не само во Италија туку и во европски и светски рамки. За да стигнат до европскиот трон, „нераѕурите“ мораа да ја елиминираат Барселона. На дуелот одигран на „Џузепе Меаца“, Интер победи со 3-1. Мајкон, Снајдер и Милито беа стрелци на головите, кои беа доволни и за на реваншот бидејќи Барселона на „Камп ноу“ победи само со 1-0.

Од тој меч помина речиси една деценија, а Мурињо реши детално да објасни каква била тактиката за да се сопре Барселона.

Мурињо вели дека користел „дијамант“ на средината од теренот за да го лимитира просторот за игра на Барселона. Централните играчи за врска биле во постојана комуникација со левиот бек за да му помагаат во обидот да го сопрат Лионел Меси. На тој начин, на теренот се создал „затвор“ во кој влегол Меси.

Португалецот вели дека посебно одлично одиграле Тијаго Мота и Естебан Камбијасо, кои биле ментално најподготвени за овој дуел.

Откако објасни како била сопрена Барселона, Мурињо се префрли во нападот. Фокусот бил да се нападне од страната на офанзивно ориентираните дефанзивци на Каталонците. Како најслаба карика бил посочен Максвел. Недостатоците на Максвел одлично ги оскористил Мајкон.

Мурињо не заборави да ги пофали Горан Пандев и Весли Снајдер, кои успевале одлично да се трансформираат и стигнувале да покријат од одбраната, па сè до нападот, а Барселона не можела да го издржи тој притисок.

На крајот Интер ја елиминираше Барселона, а потоа стана и европски, па и светски клупски првак.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести