Мурињо секогаш има одговор кога ќе биде обвинет за слабите резултати

Манчестер јунајтед синоќа одигра 2-2 против Арсенал во дербито на Премиер лигата. „Топчиите“ двапати беа во водство, но домаќинот не дозволи пораз на „Олд Трафорд“. Ова е второ коло по ред како Манчестер игра 2-2, а четврти дуел по ред на кој најтрофејниот англиски клуб не може да победи во Премиер лигата.

Моментно, Манчестер е на осмото место на табелата и има дури 18 бода помалку од градскиот ривал Сити, кој е лидер во шампионатот. Поради овие резултати, притисокот врз тренерот на Манчестер, Жозе Мурињо, е сè поголем, но Португалецот секојпат има одговор кога ќе биде обвинет поради слабите резултати.

„Не можам да се согласам со луѓето кои сакаат да нѐ споредуваат со славните екипи на Манчестер јунајтед. Тие во своите редови ги имаа Рој Кин, Руд ван Нистелрој, Немања Видиќ… Оставете нѐ на мира и дајте ни малку време. Задоволен сум од срцето и душата која ја има во овој тим, но немаме константност и хомогеност“, вели Мурињо.

Манчестер ќе може да ја прекине серијата без победа веќе на дуелот во сабота, кога на „Олд Трафорд“ ќе гостува последнопласираниот Фулам.

 

- Оглас -

Најнови вести