МЗТ без Младеновски и Соколов во битка со Сутјеска

Враќање на победничкиот колосек и искачување на второто место на табелата се мотивите на МЗТ Скопје Аеродром во пресрет на вечерашниот натпревар од втората АБА-лига против Сутјеска. Дуелот во „Јане Сандански“ почнува во 19 часот.

Сутјеска е тим против кој „штрковите“ имаат играно и во главната АБА-лига, а актуелни членови на црногорскиот тим се плејмејкерот Никола Павличевиќ и крилниот центар Радосав Спасојевиќ, кои лани го носеа дресот на МЗТ. Павличевиќ беше избркан од клубот откако некултурно се однесуваше кон „Фемили“, па интересно ќе биде да се види на каков прием ќе налета Павличевиќ од страна на фановите на аеродромскиот клуб.

„Сутјеска прикажа доста добри игри и мораме крајно сериозно да ги сфатиме како противник. Главни адути им се нашите поранешни играчи, кои во мечот ќе влезат мотивирани. Ослабени сме со неиграњето на Младеновски и Соколов, но очекувам тие што ќе се појават на теренот, решително да го надоместат нивното отсуство“, изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.

МЗТ е најефикасен тим во Лигата, еден од подобрите поединци е Џејмс Вудард, кој оваа средба ја гледа како шанса за враќање во натпреварувачки ритам.

„Со нетрпение го чекаме почетокот бидејќи одамна немаме играно. По паузата за настапите на репрезентациите, повторно ќе имаме натпревар, и тоа против нималку лесен противник. Искуството е нивен најголем квалитет, но верувам дека имаме сили и знаење да ја продолжиме победничката серија на домашен терен“, вели американскиот бек.

- Оглас -

Најнови вести