МЗТ ја подготви „метлата“, но шампионот не планира нов дебакл во „Јане Сандански“

Актуелниот вицешампион, тимот на МЗТ Скопје има 2-0 во финалната серија против бранителот на титултата Работнички. Вечерва (20:15 часот) во СЦ „Јане Сандански“  Металци го пречекуваат најтрофејниот македонски клуб во третата пресметка, која воедно може да го одлучи новиот првак.

Аеродромци го декласираа противникот во првиот меч со рекордни +36, односно 80:44, додека пред два дена во „Борис Трајковски“ забележаа клучна победа од 69:60 и дојдоа чекор поблиску до седмата титула. Тие две победи се огромна мотивација за кошаркарите на Ѓорѓи Кочов во пресрет на третиот дуел, а со помош на домашната публика, која ќе им биде ветар во грб, ќе се обидат со „метла“ да го вратат пехарот во Аеродром.

За Работнички да остане во живот, ќе треба да ја реши енигмата „четврта четвртина“. Во претходните две средби се виде дека кондицијата и малата ротација е најголем проблем за Центарци. Избраниците на Марин Докузовски губат здив во решавачките 10 минути од средбата, што влијае врз нивниот учинок. Во првата средба Работнички постигна само три поени во последниот период, сите три беа од линијата за слободни фрлања, додека пред два дена реализираа само 10 поени во одлучувачките 10 минути.

Дополнителни проблеми прави отсуството на искусниот Мираковски, додека Караџовски се повреди уште на стартот од втората средба и е неизвесен за третиот меч.

Досега никој не освоил титула по 0-2, пред Работнички е невозможна мисија, а очекувањата на Штрковите се да ја добијат оваа финална серија со 3-0. Сепак, предводникот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов никако не го потценува противникот.

„Ништо не е готово, победата пред два дена мора да ја заборавиме. Сега пред нашата публика нè чека нова тешка битка, знам дека воопшто нема да ни биде лесно“, истакна Кочов.

Докузовски уште еднаш потенцираше дека МЗТ е фаворит и пред да почне финалната серија, но вели дека неговите кошаркари мора да се борат до крајот.

„И пред финалето кажав дека МЗТ е фаворит во ова финале, но Работнички мора секогаш да се бори до крај. Немаше борба на првиот меч и затоа бев лут по тој дуел. МЗТ има 10-мина играчи, ќе ни биде тешко, но мене ми е важно да се бориме. Ако противникот е подобар, ќе му честитаме, и тоа е дел од спортот“, рече Докузовски.

Дуелот МЗТ Скопје – Работнички е закажан во 20:15 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести