МЗТ Скопје Аеродром се раздели со Магдевски

Управата на МЗТ Скопје Аеродром и македонскиот репрезентативец Андреј Магдевски, предвреме ја завршија соработката откако е постигнат спогодбен раскин на договорот, кој беше со важност до 2024 година.

Магдевски во редовите на МЗТ Скопје Аеродром дојде изминатото лето од романскиот тим Плоешти, но по неколку месеци, изрази желба за раскин на договорот.

„Во неколку долги разговори со кошаркарот, дојдовме до заеднички заклучок дека во моментов најдобро за двете страни е да се прекине соработката и да му се овозможи да најде средина во која ќе може уште подобро да се снајде и искаже“, пишува во соопштението на македонскиот шампион.

Магдевски сезонава настапи на седум средби во АБА-лигата со просек од 4,9 поени, 2,7 скока и 5,4 асистенции за 17 минути просечно минати на паркетот, додека во македонската Прва лига на шест натпревари реализираше по 6,5 поени, 4,8 скока и 3,7 асистенции.

„Ова, секако, не значи дека нашата приказна засекогаш завршува тука, со оглед што пред него допрва се најубавите играчки години, а вратите на гордоста на Аеродром постојано се отворени за најдобрите македонски кошаркари. МЗТ Скопје Аеродром му се заблагодарува на веќе поранешниот плејмејкер за сè што направи во плаво-белиот дрес во изминативе месеци, со желба за успешно продолжување на кариерата и наоѓање на тоа што го бара во некоја друга средина. Сè до следното видување и евентуална нова соработка“, пишува на официјалната интернет страница на МЗТ Скопје Аеродром.

- Оглас -

Најнови вести