МЗТ Скопје го смени тренерот – Поразот од Академија ФМП беше кобен за Ѓорѓи Кочов

МЗТ Скопје се одлучи за шок терапија и го смени тренерот Ѓорѓи Кочов по поразот во домашното првенство од Акасдемија ФМП. Двете страни се договориле да ја прекинат соработката што трае долго.

Кочов беше помошник тренер во ерата на Жељко Лукајиќ од декември 2017 година, а веќе следната година и го наследи на клупата на повеќекратниот македонски првак.

Во 2019 година го предбодеше МЗТ до домашната титула, а и лани тимот од Аеродром беше топ-фаворит за домашната шампионска круна, но првенството беше прекинато без да се прогласи шампион, поради пандемијата со корона-вирус.

„Нашиот клуб е горд што придонесе на македонската кошаркарска мапа да се појави млад и талентиран стручњак, кој во последниот циклус беше и дел од стручниот штаб на репрезентацијата. На Кочов му посакуваме се најдобро во кариерата, со надеж дека некогаш во иднина повторно ќе ни се вкрстат патиштата“, објавија од МЗТ.

Привремено решение на клупата на аеродромци ќе биде Дарко Радуловиќ, се додека не се именува нов тренер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести