МЗТ Скопје никако да врзе две победи по ред во АБА, останува последен на табелата

Кошаркарите на МЗТ Скопје загубија со 93:86 на гостувањето кај Мега во рамки на 21-то коло во АБА-лигата.

Металците по поразот, кој е 17-ти сезонава, останаа на последната позиција на табелата, со една победа помалку од Борац во битката за опстанок во АБА-лигата.

Македонскиот шампион одлично го започна натпреварот и првата четвртина ја доби со 22:27, но следеше пад во втората, кој го искористија домашните кошаркари на одмор да заминат со предност. Мега втората четвртина ја доби со 26:15 и на полувреме беше минус шест за МЗТ Скопје (48:42).

Третата четвртина започна со серија од 7:0 за Мега Баскет со која поведе со 55:42 и двоцифрената предност ја одржуваше до 32-та минута кога МЗТ Скопје со серија од 0:7 дојде до минус пет (76:71).

Тренерот на Мега, Марко Бараќ, серијата на МЗТ Скопје ја запре со тајм-аут, а на пет минути до крајот, неговите кошаркари повторно имаа двоцифрена предност.

Металците до крајот на мечот се обидуваа да се вратат во игра, но не успеаја и го забележаа 17-тиот пораз сезонава .

Најдобри во редовите на МЗТ Скопје беа Кафи со 18, Абу со 17 и Кук со 15 постигнати поени.

МЗТ Скопје во следното коло, идниот викенд, во СЦ Јане Сандански ќе игра против Игокеа која има две победи повеќе од Металците.

- Оглас -

Најнови вести