На 14-ти мај 2000 година Господ навиваше за Лацио и му помогна да освои титула (Видео)

На денешен ден пред 20 години светот беше сведок на драматична завршница во италијанската Серија А, а приказната имаше среќен крај за Лацио, кој по вторпат во својата историја стана првак. На едно коло пред крајот, Јувентус имаше два бода повеќе од римјаните, па Лацио мораше во последното коло дома да ја совлада Реџина и да чека кикс на Јуве на гостувањето кај Перуџа.

Лацијалите си ја завршија работата, со 3-0 ја надиграа Реџина, но не можеа да почнат со славење, чекаа вести од „Ренато Кури“. Таму имаше силен дожд и откако судијата Колина одвај пресуди дека има услови да се игра мечот на тешкиот терен, Јуве загуби со 0-1. Славењето во Рим беше огромно, фановите влегоа на теренот и се радуваа заедно со играчите.

Насловите во некои весници беа дека „Господ бил со Лацио“, а со тоа се согласува и Дејан Станковиќ.

„Да, тој ден таму некој горе навиваше за Лацио. Ни беше судено да бидеме прваци. Бог ни помогна со тоа што испрати поплава на теренот во Перуџа. Во Рим имаше сонце, а таму невиден дожд. Додека чекавме да заврши мечот таму, се препотував, загубив три килограми“, се присетува Србинот.

- Оглас -

Најнови вести