На 39 години доби дебитантски повик да биде дел од репрезентацијата на Холандија

Фудбалската репрезентација на Холандија во септемврискиот циклус ќе одигра два меча во Лигата на нации, а селекторот Луи ван Хал направи едно изненадување во списокот на фудбалери кои се повикани. На листата се најде Ремко Пасвер, голманот на Ајакс кој за два месеци ќе наполни 39 години, а ова е прв пат да биде дел од националниот тим.

Пасвер е меѓу четворицата повикани голмани, а фактот дека сега е дел од списокот значи дека тој би можел да добие дури и повик за настап на Светското првенство во Катар кое ќе се игра за два месеци, што би бил перфектен крај на кариерата.

Интересна е приказната како Пасвер повторно е во фокусот на вниманието иако веќе е меѓу ветераните. Минатото лето Ајакс реши да го купи затоа што беше најефтина опција за резервен голман, а потоа работите во холандскиот гигант се искомпликуваа.

Андре Онана беше суспендиран поради позитивен допинг тест, Мартин Стекеленбург се повреди, па Пасвер се најде во ситуација да биде прва опција на голот на холандскиот првак. Ветеранот бранеше одлично на крајот од минатата и почетокот на оваа сезона, па затоа сега е и дел од репрезентацијата.

„Прекрасни вести. Воодушевен сум. Дали го очекував ова? Потајно се надевав затоа што во последно време бранам добро. Јас сигурно не сум иднината на холандската репрезентација, но се надевав на повик“, рече Пасвер.

Во долгата кариера, голманот има брането за Твенте, Хераклес, Го Ахед Иглс, ПСВ и Витесе. Во далечната 2006 година беше дел од младата селекција на Холандија на ЕП, но за сениорите немаше повик досега.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести