На денешен ден пред 26 години Дражен го даде последниот кош (Видео)

Брилијантната кошаркарска кариера на Дражен Петровиќ заврши на 6 јуни 1993 година, а последен меч (квалификации за ЕП 1993) му беше оној помеѓу репрезентациите на Хрватска и Словенија во полскиот град Вроцлав. На Дражен му беше рано за пензија, но судбината си поигра и тој го загуби животот во сообраќајна несреќа во Германија.

Резултатски не беше важен мечот, но сите кои играа на него, вечно ќе го паметат. Само еден ден подоцна, кошарката остана без својот Моцарт.

На тој турнир играше и Македонија, тоа се нашите први официјални мечеви по осамостојувањето и приемот во ФИБА. На дуелот со Македонија (бевме декласирани со 128-72), Дражен не влезе во игра, а тоа е и најтешкиот пораз за „црвено-жолтите“.

Во последната минута од средбата со Словенците, Петровиќ изведе две слободни фрлања, го погоди првото, го утна второто и се покажа дека тоа беше негов последен кош во кариерата. Фаулот го направи Роман Хорват.

„Знам дека јас го фаулирав и Дражен изведе две слободни. Тоа не се заборава. Со истиот авион одевме накај Франкфурт, разговаравме и на крај се поздравивме. Стигнувам во Љубљана и сестрата на жена ми ме прашува дали сум слушнал дека Дражен загинал? Јас ѝ реков не биди луда, пред некој час седев со него“, се присетува Хорват.

Дражен од Франкфурт реши да оди кон Хрватска со автомобил, со својата девојка Клара. Попладнето на 7 јуни 1993, црвениот „голф “во кој Петровиќ беше совозач, се удри во камион цистерна и Дражен замина во легендите.

Погледнете ги инсертите од последниот настап во НБА и последните секунди на Дражен на кошаркарскиот паркет со неговиот последен кош:

 

- Оглас -

Најнови вести