На некогашен НБА шампион му украдоа осум милиони франци

Некогашниот НБА играч Рашо Нестеровиќ одбрал погрешен човек во кого треба да верува и на кого треба да му ги даде дел од заработените пари за време на кошаркарската кариера. Словенецот кој помина 11 години во НБА лигата е дел од четворица НБА играчи кои биле измамени од финансиски институт во Швајцарија.

Нестеровиќ заедно со уште тројца неименувани НБА кошаркари уплатиле пари на еден финансиски институт во Лугано, верувајќи дека тоа е вистинското место за чување на парите. Така ги советувал финансиски експерт, кој им ветил дека тој ќе им ги чува парите.

Вкупно биле упалтени 15 милиони франци, кои подоцна мистериозно исчезнале од сметката. Некогашниот центар учествувал со осум милиони франци во целата сума. Ова се случувало пред четири години, а дури сега, кошаркарот бил повикан на сослушување, за да ги објасни сите детали. Финансискиот експерт првично бил уапсен, но подоцна и ослободен.

Од парите нема никаква трага, а се верува дека тие никогаш и нема да бидат пронајдени, бидејќи финансискиот експерт ги потрошил на игри на среќа. Нестеровиќ е еден од најдобрите играчи од Словенија, а може да се пофали и со НБА прстен, кој го има освоено во 2005 година, во дресот на Сан Антонио. Во кариерата ги има носено уште и дресовите на Милвоки, Торонто и Индијана, додека на европските терени ги бранеше боите на Олимпија, ПАОК и Виртус Болоња.

- Оглас -

Најнови вести