На ослабениот МЗТ утре му треба помош од „шестиот играч“

МЗТ Скопје Аеродром утре ја отвора 2019 година, и тоа на домашен терен против лидерот на табелата во АБА 2 лигата, словенечка Сикст Приморска. Средбата почнува во 18 часот, а вратите на „Јане Сандански“ се ширум отворени за сите кои сакаат да му помогнат на домашниот тим во овој лош момент.

Силниот ривал доаѓа во незгоден момент за МЗТ. На последниот меч во 2018 година се повреди организаторот на играта, Лестер Медфорд, кој има скршеница на десната дланка и пет недели ќе биде во аут, а утре нема да може да помогнат ниту Љубомир Младеновски ниту Андреј Маслинко.

Неиграњето на Медфорд го принудува тренерот Ѓорѓи Кочов да бара „План Б“.

„Се наоѓаме во најтешка ситуација досега. На списокот на повредени се најде и Медфорд, а секој кој изгледал барем една наша средба, знае колку е важен тој за нашиот тим. Не можеме да сметаме ниту на Младеновски ниту на Маслинко, што дополнително ја отежнува нашата ситуација. Позитивно е што играме дома и ја користам можноста да ги повикам сите навивачи на МЗТ Скопје да дојдат и да ни ја дадат поддршката кога најмногу ни е потребна. Ќе дадеме сѐ од себе за да победиме во овој исклучително важен меч за нас“, вели Кочов.

Приморска има само еден пораз во АБА 2, а МЗТ има мотив и да се реваншира за поразот во Копер кога македонскиот тим имаше осум поени предност на 130 секунди до крајот. „Штрковите“ се непоразени дома во регионалната лига и ќе им треба помош од публиката за да продолжи домашната победничка серија.

- Оглас -

Најнови вести