На стадионот на Реал, теренот ќе се извлекува само за неколку минути и ќе се чува во стакларник

Стадионот на Реал Мадрид, „Сантијаго Бернабеу“, би требало најдоцна до 2023 година да има видно изменет изглед во однос на денешниот, ќе биде покриен, а новина ќе биде што таму ќе може да се одржуваат концерти без да се оштети тревата на која ќе се игра фудбал.

Реновирањето почна, а кога работите околу стадионот вредни 400 милиони евра ќе завршат, стадионот ќе биде спектакуларен. Дел од деталите беа објавени од медиумите. Теренот ќе може да се поместува. Всушност ќе има седум попречни плочи широки по 15 метри, висината ќе им биде од 23 до 25 сантиметри. Така, тревата би била зачувана од оштетување при концерти или други настани. Сега концерти има само во текот на летото, кога Реал е на одмор, па клубот во иднина ќе има поголема заработка и во зимскиот и есенскиот период.

Под плочите ќе има складиште во кое ќе се чуваат, а тоа складиште ќе биде стаклено и во него цело време ќе има идеална температура, светлост и влажност.

Ваков сличен состав од порано има „Велтинс арената“ на Шалке, но таму за поместување на целиот терен треба дури 12 часа. Мадриѓани уверуваат дека извлекувањето на целиот терен ќе трае само неколку минути.

Поради опсежните работи, Реал додека се игра без публика (до крајот на сезонава, а можеби и до крајот на 2020), како домаќин ќе настапува на теренот на кој тренираат и каде што има мал стадион со 6.000 седишта. Капацитетот на „Бернабеу“ ќе остане ист како сега, 81.000 места за седење. Освен покривот кој ќе се движи, ќе има уште повеќе продавници, ресторани и хотел со соби кои ќе имаат поглед кон теренот.

- Оглас -

Најнови вести