Марк-Андре тер Штеген одигра многу мал број натпревари во сезоната 2025/26, но и покрај тоа неговото име влезе во статистиката со ретко достигнување.
34-годишниот германски голман стана дел од необично сценарио. Во рамки на една иста сезона освои шампионска титула и испадна од лига со два различни клуба.
Тер Штеген и натаму е на позајмица во Жирона од Барселона до крајот на јуни. Додека Каталонците ја обезбедија титулата во Ла Лига уште пред неколку недели по победата во Ел Класико против Реал Мадрид, Жирона официјално го загуби местото во елитата. Испаѓањето на тимот во Сегунда дивизион беше потврдено по ремито 1:1 против Елче во саботата.
И покрај лошиот крај за Жирона, германскиот репрезентативец нема голема одговорност за сезоната на клубот. По пристигнувањето во тимот во зимскиот преоден рок, тој одигра само два натпревари во вториот дел од сезоната – при ремито 1:1 против Хетафе и поразот од 0:1 на гостувањето кај Реал Овиедо на крајот од јануари. Набрзо потоа, повреда на бутниот мускул го оддалечи од терените до крајот на сезоната.
Поради повредата, Тер Штеген нема да биде на располагање ниту за германската репрезентација и според најавите нема да настапи на претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада.
Проблемите со повредите кај голманот не се новост. Уште пред позајмицата, Тер Штеген беше надвор од терените подолг период меѓу септември 2024 и декември 2025 година поради скината тетива и постојани проблеми со грбот.
Иако неговиот договор со Барселона важи до 2028 година, останувањето на „Камп Ноу“ изгледа сè понеизвесно.
Според информациите, Германецот одамна го загубил статусот на прв избор на голот, откако Жоан Гарсија се наметна како стандарден првотимец.

