На Венгер не му се игра руски рулет на „стари“ години

Арсен Венгер вели дека повторно би работел како тренер по пауза од две години, но нема да прифати било каква понуда.

„Секој ден ми минува со таа мисла. Сакам пак да бидам тренер, но не по секоја цена. Не сакам да играм руски рулет со здравјето. Би прифатил понуда од клуб што има оптимални услови за работа“, вели францускиот маг, во интервју за „Европа 1“.

Венгер има 70 години и од 2018 година кога се прости со Арсенал не работи како тренер. Со Топчиите имаше долга и успешна авантура цели 22 години, а клубот од Лондон со него како кормилар освои 17 трофеи, од кои три беа шампионски круни во Премиерлигата.

Венгер ја предводеше и Златната генерација која во сезоната 2003/04 ја освои титулата во Англија без пораз.

Моментно работи во ФИФА, а најавува нов проект во светската куќа на фудбалот, односно модерен аналитички центар.

„Моментно екипирам луѓе за новиот проект. Сакам да создадеме најмодерен аналитички центар што е многу амбициозно, но и остварливо. Се надевам дека до Мундијалот во 2022 година ќе понудиме нова перспектива во анализа на натпреварите“, додаде Венгер.

 

- Оглас -

Најнови вести